Проблеми на границата кон Грција се очекуваат во понеделник, откако грчките царински службеници најавија штрајк на три гранични премини кои ја поврзуваат земјата со Македонија.
Според информациите доставени до Министерството за внатрешни работи, прекинот ќе ги опфати премините Евзони – Богородица, Дојрани – Дојран и Ники – Меџитлија.
Штрајкот е планиран од 05:00 до 09:00 часот по македонско време, односно од 06:00 до 10:00 часот според грчко време.
Во текот на прекинот, патничките автомобили ќе се пропуштаат ограничено, на интервали од околу 10 минути. За товарните возила, пак, ќе има целосен застој, односно камионите нема да можат да влегуваат или излегуваат од Грција во наведениот период.
Надлежните институции во Македонија информираат дека се преземаат неопходни активности за полесно справување со состојбата, а МВР ќе ги стави во употреба расположливите човечки и технички ресурси за регулирање на сообраќајот и намалување на можните застои.
Возачите кои планираат патување кон Грција во понеделник наутро се советуваат навреме да го испланираат патувањето и да сметаат на можни задржувања на граничните премини.
Веста ја пренесува Plusinfo.mk
