Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека конфликтот во Украина влегува во завршна фаза, оценувајќи дека состојбата на теренот и текот на воените операции укажуваат на таков развој на настаните.
По завршувањето на официјалната посета на Казахстан, Путин на средба со новинарите нагласи дека анализите на фронтот му даваат основа за ваква проценка. Сепак, тој посочи дека поради интензивните борбени дејства во моментов не може да се предвиди точен временски рок за завршување на војната.
Според рускиот лидер, руските сили продолжуваат со офанзивни активности по целата линија на фронтот, додека дел од западните политички центри, како што рече, имаат интерес конфликтот да трае подолго.
Путин повторно ги отфрли обвинувањата дека Русија претставува закана за европската безбедност. Тој оцени дека предупредувањата за можни руски напади врз европски држави се неосновани и порача дека Москва останува отворена за политичко и мирно решение на конфликтот.
Во своето обраќање, рускиот претседател повторно ја критикуваше западната алијанса, тврдејќи дека ветувањата поврзани со непродолжување на НАТО кон исток не биле исполнети. Според него, Русија со години била доведувана во заблуда по ова прашање.
Говорејќи за можните дипломатски иницијативи, Путин рече дека во моментов нема конкретен европски посредник во комуникацијата со Москва. Сепак, додаде дека Русија е подготвена да ги разгледа сите предлози што би можеле да придонесат за мировен процес.
Тој се осврна и на нападот врз училишен интернат во Старобелск, оценувајќи дека овој настан не добил соодветно внимание во западните медиуми. Според Путин, нападите на руските сили во регионот на Киев биле поврзани со тој инцидент.
Во делот посветен на безбедносната состојба во Балтичкиот регион, Путин предупреди дека сите точки од кои произлегува директна воена закана за Русија можат да бидат третирани како легитимни воени цели. Тој посебно ја спомена можноста беспилотни летала да бидат лансирани од територијата на Латвија, нагласувајќи дека Москва ќе реагира кон секоја локација што претставува непосредна опасност за руската безбедност.
Изјавите на рускиот претседател доаѓаат во период кога борбите на фронтот се засилуваат, а дипломатските напори за пронаоѓање решение за конфликтот, кој трае повеќе од четири години, продолжуваат со несмален интензитет.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
