
Фото: Принтскрин
Во Радовиш се одиграла вистинска драма кога 49-годишен жител, облечен во воена униформа и вооружен со пиштол и пушка, шетал по улиците и предизвикувал вознемиреност кај граѓаните.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, полициски службеници од СВР Струмица – ОВР Радовиш го лишиле од слобода А.У., кој на улицата „Шаин маале“ бил забележан со ремен на кој имал закачен пиштол, држел пушка во рацете и носел дрвена палка и лисици. Присуството на лицето во ваква опрема создало паника кај жителите.
При обидот да биде приведен, осомничениот ги фрлил предметите и се обидел да побегне, но полициските службеници брзо реагирале и успеале да го фатат. На местото биле пронајдени и одземени сите фрлени предмети, меѓу кои: пушка, ремен, кожна футрола со лисици, метална палка, сигнални куршуми, рамка со капси, пиштол и други слични предмети.
А.У. е задржан во Полициската станица во Радовиш, а за целиот случај е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.