Црна Гора би можела да се соочи со проблем во завршната фаза од пристапувањето кон Европската унија, бидејќи постои ризик да не успее навреме да го преведе целокупното европско законодавство.
Според информациите на „Еуроњуз“, во Европската комисија веќе се разгледуваат привремени решенија доколку преводот не биде завршен до планираниот рок. Една од можностите е Подгорица привремено да користи веќе постоечки службен јазик на Унијата. Во тој случај, хрватскиот јазик се издвојува како една од најлогичните опции.
Црна Гора има амбиција да стане членка на ЕУ во 2028 година, но пред тоа треба да усвои и да преведе огромен број европски правни акти. Станува збор за десетици илјади документи, а во Брисел се појавуваат сомнежи дали целиот процес може да биде завршен во предвидениот рок.
Дополнителен предизвик претставува и квалитетот на досегашните преводи. Хрватска веќе укажала на проблеми со дел од преведените материјали, што отвора дополнителни прашања во процесот на усогласување со европското законодавство.
Односите меѓу Загреб и Подгорица во меѓувреме се оптоварени и со билатерални прашања, кои потенцијално би можеле да влијаат врз динамиката на пристапните преговори.
Обемот на работата дополнително ја усложнува ситуацијата. Од приемот на Хрватска во ЕУ во 2013 година, европското законодавство значително се прошири и денес опфаќа речиси двојно повеќе материјали. Токму затоа, преводот и усогласувањето претставуваат еден од клучните административни предизвици за Црна Гора пред нејзиното планирано членство.
Веста ја пренесува Pepo.politika
