Четири видео-снимки од сообраќајната несреќа кај Македонскиот народен театар, во која во 2022 година животот го загуби 76-годишниот Слободан Ангеловски, беа објавени на Инстаграм-профил потпишан како „Јелена Филиповиќ“.
Станува збор за видеоматеријали кои биле дел од доказите во судската постапка и биле прикажани во судница, но досега не биле достапни за пошироката јавност.
На една од снимките се гледа Ангеловски како го преминува коловозот на обележан пешачки премин. Тој поминува низ првата и втората сообраќајна лента, а во моментот кога се наоѓа во третата лента наидува бел автомобил управуван од Гордана Филиповиќ.
На снимката е забележан и моментот на ударот, по што возилото продолжува кратко време и запира. Неколку секунди подоцна се вклучуваат трепкачите, а Филиповиќ излегува од автомобилот.
Во близина застанува и друго возило, од кое исто така излегува лице. Снимките го прикажуваат настанот непосредно по случувањето и се дел од материјалите кои биле разгледувани во текот на судската постапка.
Случајот предизвика внимание и поради правната квалификација на делото за кое Филиповиќ беше обвинета. Таа не е осудена за кривично дело убиство, туку за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот со смртни последици.
Во текот на постапката било разгледувано и прашањето за формата на вината. Одбраната застапувала став дека станувало збор за небрежност, а не за умисла.
Апелациониот суд во Скопје неодамна ја потврдил пресудата со која Гордана Филиповиќ е осудена на две години и шест месеци затвор.
Трагичниот настан се случи во 2022 година, кога 76-годишниот Слободан Ангеловски беше прегазен на пешачкиот премин кај МНТ.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
