Потрагата по 31-годишен скопјанец, кој беше пријавен за исчезнат во Охрид, заврши со трагичен исход.
На 15 септември, околу 22 часот, припадници на Езерската полиција и полициски службеници од СВР Охрид го пронашле телото на Б.С. (31) во водите на Охридското Езеро. Телото било забележано во близина на автокамп, на приближно 50 метри од брегот.
Екипа на Итната медицинска помош излегла на местото и констатирала смрт, при што според првичните наоди не биле забележани видливи траги на насилство. Идентитетот на починатиот бил потврден од член на неговото семејство.
Случајот е пријавен до надлежниот јавен обвинител, по чии насоки ќе биде извршена обдукција. Со неа треба да се утврдат точната причина за смртта и околностите под кои дошло до трагичниот настан.
Б.С. бил пријавен за исчезнат на 14 септември, во 18:10 часот, во СВР Охрид. Неговото исчезнување го пријавил неговиот 68-годишен татко, кој навел дека двајцата престојувале во автокамп во Охрид кога го загубил контактот со својот син.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
