Момент на вистинска паника го доживеале четворица швајцарски туристи за време на сафари во Танзанија, откако возилото со кое ја следеле Големата миграција излетало од патеката и завршило во реката Мара – позната како едно од местата каде што демнат голем број крокодили.
Несреќата се случила во неделата попладне, додека туристите одблиску го следеле спектакуларното движење на стадата гну. Драматичниот момент бил снимен од луѓе кои се наоѓале во друго сафари возило.
Според снимката, џипот се движел со голема брзина по нерамен и тежок терен. Во еден момент возилото ја изгубило стабилноста, почнало да се лизга и излегло од контролата на возачот.
Во хаосот што следел, една од туристките била исфрлена од возилото и паднала на само неколку метри од опасната река, додека во непосредна близина се наоѓале крокодили и големи стада гну.
Но, тоа не бил крајот на драмата. Возилото продолжило да се движи неконтролирано по теренот, по што се урнало во калливите води на Мара и при ударот биле исфрлени уште неколку патници.
За среќа, инцидентот завршил без човечки жртви. Управата за национални паркови на Танзанија потврдила дека во возилото имало четворица швајцарски туристи и локален возач. Сите успеале да излезат од реката без повреди.
По случувањето, надлежните упатиле сериозно предупредување до возачите, туристите и организаторите на сафари тури, особено кога станува збор за преминување на реката Мара.
Од управата нагласиле дека сите учесници мора да ги почитуваат правилата за безбедно движење, да ги следат инструкциите на надзорниците и да не преземаат непотребни ризици за да им овозможат на туристите подобар поглед кон животните.
Според сведоштва од местото, можно е токму желбата да се обезбеди подобра позиција за набљудување на миграцијата да придонела за инцидентот.
Реката Мара е една од најпознатите точки на Големата миграција, кога огромни стада гну ја преминуваат реката во потрага по нови пасишта. Преминувањето е спектакуларно за посетителите, но истовремено се смета за еден од најопасните моменти од нивното патување, бидејќи животните се соочуваат со силни струи, стрмни брегови и крокодили.
Локалните медиуми известуваат дека борбата за најдобра позиција покрај реката не е невообичаена меѓу сафари возачите, што дополнително ги зголемува ризиците во периодот кога миграцијата е во својот најдраматичен дел.
Веста ја пренесува Infomax.mk
