Фото: Принтскрин
Возачите од утре ќе плаќаат различни цени на бензинските пумпи, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука за максималните малопродажни цени на горивата.
Најголемо намалување има кај дизелот, чија цена се намалува за 6,50 денари за литар. Од друга страна, бензините поскапуваат за по еден денар.
Новите цени стапуваат во сила на 1 септември во 00:01 часот, а максимално ќе се продаваат:
- Еуросупер БС-95 – 94 денари за литар
- Еуросупер БС-98 – 96 денари за литар
- Еуродизел БС (Д-Е V) – 95 денари за литар
- Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1) – 97 денари за литар
- Мазут М-1 НС – 44,410 денари за килограм
Според новата одлука, Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 ќе чинат еден денар повеќе од досега. Кај дизелот, пак, следува значително поевтинување од 6,50 денари по литар.
Надолу оди и цената на екстра лесното масло за домаќинство, кое поевтинува за 3,50 денари за литар. Мазутот ќе има пониска цена за 1,166 денари за килограм.
Од РКЕ објаснуваат дека при носењето на одлуката биле земени предвид промените на референтните цени на нафтените деривати на светските берзи, како и движењето на курсот на денарот во однос на американскиот долар.
Во анализираниот период, референтната цена на бензините бележи раст од 2,212 отсто, додека кај дизелот е регистрирано намалување од 8,237 отсто. Токму овие движења се одразија различно врз крајните максимални цени.
Од Комисијата потсетуваат дека објавените износи се највисоките дозволени малопродажни цени. Тоа значи дека бензинските станици имаат можност горивата да ги продаваат и по пониски цени од оние што ги утврди РКЕ.
