Жител на Крива Паланка преку објава на социјалните мрежи изрази незадоволство од постапувањето на полициски службеници, тврдејќи дека добил казна за непрописно паркирање, додека кратко време подоцна службеното полициско возило било оставено на тротоар.
Тој наведува дека не ја негира изречената казна и признава дека треба да сноси одговорност за својот прекршок, но смета дека законите мора да важат еднакво за сите, без разлика дали станува збор за граѓани или за службени лица.
Според неговата објава, од полицајците побарал насока каде може законски да го паркира возилото, по што бил упатен да се премести на друга улица. Кога им укажал дека нивното службено возило е паркирано на тротоар, тврди дека наместо објаснување добил предупредување дека може да биде дополнително санкциониран поради непочитување на нивна наредба.
На крајот од објавата, граѓанинот апелира до Министерството за внатрешни работи да го испита случајот и да утврди дали полициските службеници постапиле во согласност со законските прописи и службените овластувања.
Веста ја пренесува Premiernews.mk

