Македонскиот музичар Петар Георгиевски – Перо Камиказа се опоравува по сериозна незгода што ја доживеал додека возел велосипед на Кејот на Вардар во Скопје. Инцидентот му предизвикал потрес на мозокот, расекотина на главата која била сошиена со четири конци, како и повеќе телесни повреди.
За случката самиот информираше преку објава на социјалните мрежи, посочувајќи дека несреќата се случила неколку дена претходно, во близина на мостот „Аминта Трети“.
Според неговото сведочење, додека се движел по велосипедската патека, рекреативец од спротивен правец ненадејно ја сменил насоката на движење, без да провери дали патеката е слободна. Судирот бил неизбежен, а ударот толку силен што музичарот паднал и направил превртување.
„Доживеав потрес на мозокот, добив четири конци на главата, имам повеќе нагмеченици, а очилата ми се скршија. За среќа, велосипедот остана речиси неоштетен“, напиша Георгиевски.
Тој откри дека лицето кое учествувало во несреќата веднаш признало дека згрешило, му се извинило и останало покрај него сè до пристигнувањето на екипата на Итната медицинска помош. Потоа го придружувало и до Ургентниот центар, каде што останало сè додека не пристигнала неговата ќерка.
Во Клиничкиот центар му биле извршени детални прегледи, меѓу кои и компјутерска томографија. Лекарите утврдиле дека нема внатрешно крварење, по што ја санирале повредата на главата со четири конци.
Музичарот јавно им се заблагодари на медицинските тимови за брзата и професионална реакција, нагласувајќи дека добил навремена и квалитетна здравствена грижа.
По незгодата, Перо Камиказа испрати порака до сите велосипедисти и рекреативци да бидат особено внимателни при движењето по Кејот на Вардар и да ги почитуваат правилата на велосипедската патека, со цел да се избегнат слични несреќи.
И покрај непријатното искуство, тој порача дека наскоро повторно ќе се врати на велосипед, а воедно ја потврди и средбата со својата публика на концертот закажан за 23 октомври во салата „Јане Сандански“.
„Фала му на Бога што добив уште една шанса. Се гледаме наскоро на Кејот“, порача Георгиевски.
Веста ја пренесува Fokus.mk


