Страшна сообраќајна несреќа на полуостровот Ситонија, на Халкидики, однесе два човечки живота и остави едно семејство во борба за опстанок. Во директен судир меѓу патнички автомобил со странски регистарски таблички и камион-цистерна загинаа мајка и нејзиното бебе.
Трагедијата се случила на регионалниот пат меѓу Полигирос и Агиос Николаос, околу 18:20 часот. Според првичните информации, автомобилот во кој патувало четиричленото семејство се судрил челно со цистерната, додека надлежните служби сè уште ги утврдуваат околностите што довеле до несреќата.
Од силината на ударот, автомобилот бил речиси целосно смален во куп метал. Поради сериозните оштетувања, пожарникарите интервенирале со специјална опрема за да ги ослободат лицата кои останале заглавени во возилото.
Мајката и бебето биле пронајдени без знаци на живот. Таткото и второто дете се здобиле со тешки повреди, главно во пределот на главата, и во тешка состојба биле префрлени во болницата во Полигирос. Поради сериозноста на повредите, се очекува да бидат транспортирани во специјализиран клинички центар во Солун. Во болница бил пренесен и возачот на камионот.
По несреќата, сообраќајот на оваа делница бил привремено запрен, додека полициските екипи извршиле увид. Истрагата е во тек и треба да ги утврди точните причини за трагичниот судир.
Веста ја пренесува Телевизија Стар.
