Основното јавно обвинителство Скопје спроведува истрага против 30-годишен жител на Скопје, кој се сомничи дека го лишил од живот својот татко во семејниот дом во скопската населба Чаир.
Според информациите од Обвинителството, трагичниот настан се случил на 12 јули, по претходна семејна расправија која прераснала во физичка пресметка меѓу родителите. Во екот на конфликтот, осомничениот наводно зел нож и во дворот го нападнал својот татко.
Истражните наоди упатуваат дека на жртвата ѝ биле нанесени повеќе од 30 убодни рани во пределот на вратот и градниот кош. Од здобиените повреди, мажот починал на самото место.
Обвинителството соопшти дека во рамки на истрагата ќе се преземат дополнителни дејствија за да се утврдат сите околности и можниот мотив за злосторството. Предвидено е и психијатриско вештачење на осомничениот со цел да се процени неговата психичка состојба во моментот на настанот.
Во меѓувреме, јавниот обвинител побара од Судот да му биде определена мерка притвор на осомничениот, со цел да се обезбеди неговото присуство и непречено водење на кривичната постапка.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
