Светлана Каровиќ, сопруга на 61-годишниот Љубиша Каровиќ, кој беше тешко повреден за време на драматичен лет на авиокомпанијата Ryanair од Солун кон Минхен, повторно проговори за ужасот што го преживеале на неколку илјади метри височина.
Според нејзиното сведочење, по пукањето на прозорецот во авионот, нејзиниот сопруг бил повлечен кон отворот од силната декомпресија. Благодарение на сигурносниот појас, не бил целосно исфрлен од леталото, но останал заглавен со горниот дел од телото надвор речиси две минути.
„Седев зад него, а патничката до него веднаш го фати за раката. Уште неколку луѓе се вклучија и со голем напор успеаја да го извлечат назад. Во авионот настана паника, кислородните маски се отворија, а тој трипати ја губеше свеста“, изјавила Светлана за грчката државна телевизија ЕРТ.
Таа раскажала дека патниците се обиделе да го затворат оштетениот прозорец со куфер, но силниот притисок повторно го оттурнал нејзиниот сопруг кон отворот.
Според неа, инцидентот се случил околу половина час по полетувањето од Солун. Љубиша седел покрај прозорецот и токму сигурносниот појас, како што вели таа, му го спасил животот.
Светлана тврди дека екипажот не им пружил соодветна помош по несреќата и дека вода им донеле други патници. Дополнително, вели дека досега никој од авиокомпанијата не ги контактирал.
„Тој има сериозни повреди, носи медицинска крагна и секојпат кога ќе слушне авион почнува да се тресе. И јас се соочувам со тешки психички последици и земам терапија за смирување. Во тие моменти бев убедена дека авионот ќе падне и дека нема да преживееме“, изјавила таа.
Љубиша Каровиќ и понатаму се лекува во болница во Солун. Според информациите, има повреди на вратот и рамената, како и изгореници предизвикани од силното струење на воздухот за време на инцидентот.
Веста ја пренесува Crnobelo.com
