Тешко злосторство ја потресе јавноста во Улцињ, откако 46-годишен маж од Косово, идентификуван како Б.Г., бил приведен под сомнение дека ја усмртил својата невенчана сопруга, а потоа ја запалил куќата во која живееле.
Според информациите од полицијата, трагедијата се случила во текот на ноќта во населбата Кодре. Осомничениот наводно ја убил 36-годишната Д.Н., државјанка на Албанија, по што предизвикал пожар во домот.
Од полицијата соопштија дека веднаш по пријавата за пожар, нивни екипи излегле на терен и во куќата го пронашле безживотното тело на жената.
„За кратко време беше идентификуван и ставен под контрола осомничениот за тешко убиство. По извршеното дело, тој предизвикал пожар во куќата каде што престојувале“, наведуваат од полицијата.
Пожарот бил пријавен околу 00:30 часот, по што интервенирале полициски и противпожарни екипи. Телото на жртвата е предадено на обдукција за утврдување на точните причини за смртта.
Осомничениот, кој се здобил со изгореници, моментално се наоѓа на лекување во Клиничкиот центар на Црна Гора и е под постојан полициски надзор.
За случајот е известен и дежурниот државен обвинител од Вишото државно обвинителство во Подгорица, кој раководи со понатамошната истрага.
Веста ја пренесува Канал 5.
