Истражување откри мрежа на онлајн продавачи кои преку Телеграм, Сигнал и интернет-огласници нудат опасни синтетички опиоиди познати како нитазени. Дилерите ветуваат „сигурна достава“ до Македонија, а плаќањето го бараат во криптовалути.
Во комуникација со новинар, продавачите испраќале фотографии, видеа и наводни докази за претходни испораки низ Европа. Дел од нив тврделе дека пакетите поминуваат без проблем низ царина и пристигнуваат за неколку дена.
Нитазените, познати и како „Франкенштајн“ дрога, се синтетички опиоиди многу посилни од морфиумот и можат да предизвикаат смртоносно предозирање и од минимални количини. Во повеќе европски земји и во САД овие супстанции веќе се поврзуваат со стотици смртни случаи.
Македонските институции велат дека досега нема официјално регистрирани заплени на нитазени, но признаваат дека заканата постои. Токсиколозите предупредуваат дека земјава нема доволно тестови и антидот-терапии за справување со вакви случаи.
Според експертите, најголемата опасност е што овие дроги често се продаваат како други супстанции, па корисниците не знаат што навистина земаат. Истражувањето покажува дека Балканот сè повеќе станува цел на меѓународни мрежи за нелегална трговија со синтетички дроги.
Веста ја пренесува Слободен печат.
