Се апелира до сите станари да бидат особено внимателни и да внимаваат на безбедноста во своите домови.
Според информациите на објава на социјалните мрежи од жител на зграда на улицата „Федерик Шопен“ во Кисела Вода, вчера околу 15 часот се случил вознемирувачки инцидент. Непознато лице се обидело да ја отвори влезната врата од стан, најверојатно користејќи клуч или некаква алатка.
Обидот бил прекинат откако лицето сфатило дека во станот можеби има некој. Потоа заѕвонило на вратата и веднаш се оддалечило од местото.
Она што дополнително го прави случајот сомнителен е фактот што во тој момент сопствениците не очекувале никого, ниту, пак, друго лице имало клуч од станот.
Случајот е пријавен во полиција, а се очекува надлежните да ги преземат потребните проверки и мерки, се вели во објавата.

