Вознемирувачки сцени од големиот пожар што синоќа избувна во скопската населба Жданец. Барака била зафатена од силен оган, кој за кратко време се проширил низ објектот, а густите пламени јазици биле видливи и од оддалечени делови на главниот град.
Соседите го забележале пожарот, но огнот веќе бил во напредна фаза, поради што нивните можности за интервенција биле минимални.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека пожарот бил пријавен на 14 ноември, околу 23:40 часот, на улицата „Жданец“. Огнот ја зафатил бараката чиј сопственик е 56-годишен жител на Скопје.
На терен веднаш пристигнале екипи на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Во справувањето со огнената стихија учествувале 19 пожарникари со седум противпожарни возила.
За жал, по завршувањето на интервенцијата и целосното локализирање на пожарот, во опожарениот објект било пронајдено телото на маж кој го загубил животот.
Снимките од местото на настанот сведочат за размерите на пожарот што ја потресе населбата.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
