Само неколку дена по поставувањето на новите контејнери во Скопје, дел од нив станаа мета на вандалски чин и беа опожарени, предизвикувајќи незадоволство и бурни реакции кај граѓаните.
Сепак, во целата непријатна ситуација имаше и пример за човечност и општествена одговорност. Возач на автобус, откако го забележал пожарот, го запрел возилото, излегол и веднаш се обидел да ги изгасне пламените јазици користејќи противпожарен апарат.
Неговата постапка наиде на позитивни реакции на социјалните мрежи, каде што граѓаните му упатија пофалби за храброста и подготвеноста да помогне.
„Длабок поклон за возачот на автобусот, кој запрел и излегол да ги гаси со противпожарен апарат. Вака изгледаат хероите на градот“, стои во една од објавите на социјалните мрежи.
Додека едни уништуваат нешто што е заедничко добро, други со своите постапки покажуваат дека грижата за градот започнува од личната одговорност.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
