Транспортот на сурова нафта кон Србија преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ) е привремено прекинат поради дефект на дел од нафтоводната мрежа во Хрватска. Инцидентот се случил во петокот, на делницата меѓу Сисак и Славонски Брод.
Според првичните процени, од оштетениот нафтовод истекле околу 500.000 литри нафта, по што бил запрен транспортот на суровина кон Рафинеријата за нафта во Панчево, Србија.
Од компанијата НИС, според информациите на РТС, се во постојан контакт со претставниците на ЈАНАФ и очекуваат информации за тоа кога ќе биде саниран дефектот и кога повторно ќе започне испораката на нафта.
Засега, прекинот не предизвикува проблеми во снабдувањето со гориво во Србија. Бензинските пумпи располагаат со доволни количини, па граѓаните во моментов не чувствуваат последици од прекинот.
Сепак, времетраењето на дефектот и брзината на поправката ќе бидат клучни за нормализирање на транспортот на сурова нафта кон рафинеријата во Панчево.
Извор: РТС, Telegraf Biznis.

