Приказна која започнала пред речиси 40 години, а сега доби неочекуван и емотивен расплет. Хрватската компанија „Краш“ успеа да го пронајде човекот на кого му припаѓа еден стар, целосно пополнет албум „Животинско царство“ од 1987 година.
Станува збор за Шиме, кој како момче го испратил албумот до компанијата, но со текот на годините тој останал заборавен меѓу документите во архивата на „Краш“.
Откако албумот повторно бил откриен, компанијата започнала потрага по неговиот сопственик и упатила јавен повик за помош. Единствената информација што ја имале била дека името на детето започнувало со буквата Ш.
Објавата предизвика големо внимание на социјалните мрежи, а бројните реакции и помошта од јавноста на крајот доведоа до посакуваниот резултат – Шиме беше пронајден!
По речиси четири децении, тој повторно се сретна со својот детски спомен. Заедно со сопругата ја посети фабриката на „Краш“, каде што беше пречекан од вработените, го презеде албумот и имаше можност одблизу да се запознае со работата на компанијата.
Од „Краш“ споделија и видео од оваа посебна средба, со кое ставија точка на потрагата што разбуди носталгија кај многумина.
Она што некогаш било само детска желба и страст кон собирањето сликички, по речиси четири децении се претвори во приказна за спомени, истрајност и едно необично повторно обединување. Заборавениот албум конечно се врати таму каде што припаѓа – кај својот сопственик.
Веста ја пренесува Телевизија Стар.
