Сериозен проблем со транспортот на пациентите се појави во една од зградите на Клиничкиот центар, каде што се сместени повеќе интернистички клиники. Сите четири лифта во објектот се нефункционални, поради што пациентите кои не можат самостојно да се движат се принудени да користат скали.
Според информациите од објектот, до неодамна функционирал само еден од четирите лифта. Откако се расипал и последниот исправен лифт, медицинскиот персонал се соочува со сериозен проблем при транспортот на пациенти до одделенијата.
Особено тешко е за лицата во инвалидски колички и за пациентите со потешка здравствена состојба, кои наместо со лифт, мора да бидат пренесувани по скалите за да стигнат до потребната медицинска услуга.
Проблемот, според реакциите на граѓаните, не е нов. Тие велат дека дефектите повеќепати биле пријавувани, но досега не е обезбедено трајно решение.
Во објектот се наоѓаат Клиниката за гастроентерохепатологија, Клиниката за нефрологија и Клиниката за пулмологија и алергологија.
Состојбата повторно го отвора прашањето за условите во кои пациентите пристапуваат до здравствена заштита, особено оние за кои движењето по скали претставува сериозна физичка пречка.
Веста ја пренесува Telma.com.mk

