Привремено се одложува вакцинацијата со БСЖ вакцината во Македонија, додека надлежните институции ги проверуваат сериите што се користат во земјава. Одлуката следува по информациите од Хрватска за појава на несакани реакции кај лица кои ја примиле вакцината.
Комисијата за имунизација при Министерството за здравство итно разгледала дали постои причина за загриженост и во Македонија. Бидејќи се работи за вакцина од истиот производител, Министерството веднаш стапило во контакт со Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).
Од МАЛМЕД се побарани податоци за сериите на БСЖ вакцини кои моментално се употребуваат во земјава, како и информации поврзани со нивниот квалитет и безбедност.
Иако БСЖ вакцинацијата е задолжителна, а нејзината примена е особено значајна поради ризикот од туберкулоза, Комисијата одлучила привремено да ја одложи имунизацијата додека не бидат добиени сите потребни информации.
Од Министерството за здравство посочуваат дека ситуацијата со туберкулозата во земјава бара сериозен пристап. На Институтот за ТБЦ во моментов се лекуваат 95 пациенти, од кои 83 случаи се регистрирани во текот на оваа година.
Податоци има и за детската популација. Во Детската болница „Козле“ во текот на 2025 година биле регистрирани 15 случаи на туберкулоза, додека во 2026 година досега се евидентирани уште 12 нови случаи.
Одлуката за пауза со вакцинацијата, сепак, не значи дека БСЖ вакцината е прогласена за небезбедна. Надлежните прво сакаат да утврдат дали постои поврзаност меѓу сериите што се користат во Македонија и несаканите реакции пријавени во Хрватска.
Дополнително, од Министерството информираат дека во последните десет години до МАЛМЕД била доставена само една пријава за сомнеж за несакана реакција по примена БСЖ вакцина.
Пријавата била поднесена во август 2022 година и се однесувала на појава на апсцес на местото каде што била дадена вакцината. Од Министерството објаснуваат дека ваквата реакција е наведена и во упатството за употреба на БСЖ вакцината.
Следниот чекор е проверката на сериите и нивниот квалитет, по што ќе се знае дали и кога ќе продолжи имунизацијата со БСЖ вакцината во земјава.
Веста ја пренесува Skopjeinfo.mk
