Експериментална персонализирана вакцина против рак на бубрег даде исклучително охрабрувачки резултати во мало клиничко испитување. Кај ниту еден од деветте пациенти кои ја примиле вакцината не било забележано повторно појавување на болеста во периодот на следење.
Пациентите биле следени во просек три години и четири месеци по хируршкото отстранување на туморот. Иако резултатите се ветувачки, истражувачите предупредуваат дека бројот на учесници е премал за да се донесе конечен заклучок дека токму вакцината е причината поради која ракот не се вратил.
За разлика од класичните вакцини, оваа терапија се создава посебно за секој пациент. Научниците најпрво го анализираат отстранетиот тумор, а потоа ги издвојуваат специфичните молекуларни карактеристики на клетките на ракот, познати како неоантигени.
Врз основа на тие податоци се изработува индивидуализирана вакцина чија задача е да го „обучи“ имунолошкиот систем да ги препознае и напаѓа токму клетките на туморот кај конкретниот пациент.
Веста ја пренесува Канал 5 Телевизија.
