Несекојдневна сцена ги изненадила минувачите во Скопје, откако новородено ждребе било пронајдено на коловозот на улицата „Илинденска“. Во негова непосредна близина биле кобилата и уште еден коњ.
Случајот исто така го сподели и скопјанката Билјана Николовска, која на социјалните мрежи објави и фотографија од животните. Според нејзиното сведоштво, таа утрово минувала по „Илинденска“ кога го забележала малото ждребе како лежи на патот, веднаш по раѓањето.
Николовска наведува дека, загрижена за безбедноста на животното, застанала и се обидела да го тргне од коловозот. По извесен напор успеала да го помести ждребето на тревната површина покрај улицата.
Таа во својата објава изразила револт поради односот на дел од присутните, посочувајќи дека наместо да помогнат, некои застанувале само за да ја снимаат ситуацијата со своите телефони.
Според нејзиното сведоштво, била побарана и дополнителна помош, но никој од присутните не се вклучил во обидот да се згрижат животните.
На фотографијата објавена од Николовска се гледа штотуку роденото ждребе на тревата, покрај кобилата, во моментите непосредно по породувањето.
Веста ја пренесува Skopje1.mk

