Пензионерите од Виница кои ги исполнуваат предвидените услови ќе можат да добијат финансиска помош во износ од по 2.000 денари. За оваа намена се обезбедени вкупно 300.000 денари, а средствата ќе се доделуваат по проверка на доставената документација, односно сè до исцрпување на предвидениот буџет.
Право на помошта имаат пензионери на возраст од 70 години и повеќе, кои живеат сами и чија пензија за септември 2026 година не надминува 23.000 денари. При аплицирањето потребно е да се достават чек од последната пензија, трансакциска сметка и копија од лична карта.
Услов е и пензионерот досега да нема користено финансиска помош од ЗП Виница, како и да не прима додаток за туѓа нега или други дополнителни надоместоци. За лицата кои примаат пензија од странство потребно е да се достави и извод од девизната сметка.
Од ЗП Виница посочуваат дека доколку во едно домаќинство живеат двајца пензионери, тие нема да имаат право на оваа финансиска помош.
Потребната документација се доставува во благајната на ЗП Виница, секој понеделник, среда и петок, во периодот од 08:00 до 13:00 часот.
По проверката на документите, средствата ќе им бидат исплатени на пензионерите кои ги исполнуваат условите, сè до искористување на предвидениот вкупен износ од 300.000 денари.
Веста ја пренесува Direkten.mk
