Македонскиот боксер Ален Рустемовски денеска беше примен во Министерството за спорт, по одличниот настап на Европското првенство во Софија, каде што успеа да освои бронзен медал.
За остварениот резултат и придонесот во промоцијата на македонскиот спорт, Рустемовски го доби статусот „Спортист од светска категорија“, што му носи значајна финансиска поддршка од државата. Согласно статусот, во следните четири години тој ќе добива надомест во висина од две просечни плати месечно.
Европската бронза е уште еден во низата значајни резултати на Рустемовски во изминатиот период. Македонскиот боксер претходно освои бронзен медал и на Медитеранските игри во Таранто.
На приемот, министерот за спорт Борко Ристовски му го честиташе успехот и порача дека државата ќе продолжи да го поддржува боксерот во неговите идни настапи.
„Ален, честитки за историскиот успех! Македонија верува во тебе и ќе продолжи да стои зад тебе на патот кон нови европски, светски и олимписки предизвици“, порача Ристовски преку социјалните мрежи.
Медалот од Софија има дополнително значење за македонскиот бокс, бидејќи претставува прва европска бронза за Македонија по 2008 година. Тогаш Велин Мумин освои бронзен медал во Ливерпул.
Веста ја пренесува Sport1.mk

