Неверојатна сцена е забележана од безбедносните камери во полициска станица во Флоријанополис, Бразил, каде што 39-годишен приведеник успеал да избега од ќелијата на крајно необичен начин.
Мажот бил задржан поради сомнение за насилство во семејството, но само неколку часа по приведувањето успеал да се извлече низ тесниот простор меѓу металните решетки.
Инцидентот се случил во саботата, 26 септември, во Централната полициска станица за дежурства во Флоријанополис. Според полициските информации, претходно бил приведен поради физички конфликт во работилница во населбата Пантанал. Во инцидентот, наводно, биле вмешани неговата партнерка, нејзината ќерка и нејзиниот партнер.
На видеото од надзорните камери се гледа како осомничениот најпрво успева да ги протне рацете и главата низ отворот во решетките. Потоа, со постепени движења, го извлекува и остатокот од телото. Бегството траело околу една минута, иако снимката е забрзана.
Откако се ослободил од ќелијата, мажот не заборавил ниту на своите обувки. Ги зел со себе и мирно ја напуштил полициската станица пеш, преку главниот влез.
Полицијата во сојузната држава Санта Катарина веднаш започнала потрага по него и презела дополнителни безбедносни мерки. Обвинителството побарало и негово задржување во притвор.
По инцидентот, ќелијата од која успеал да избега е ставена надвор од употреба. Надлежните најавиле нејзино дополнително обезбедување и измени со цел да се спречи сличен случај во иднина.
Веста ја пренесува Podzemje.mk
