Скопјанката Сашка Стојановска (43) е осудена на 45 дена затвор поради случајот со усмртувањето на куче во Улцињ, Црна Гора.
Одлуката ја донел Основниот суд во Улцињ, кој ја прогласил Стојановска за виновна за кривичното дело поврзано со убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште.
Според образложението на пресудата, инцидентот се случил на 24 јули, околу 15 часот, на булеварот „Теута“ во населбата Улцињско Поле, во близина на хотелот „Хоти“. Стојановска, управувајќи автомобил „мерцедес“, со возилото најмалку двапати поминала преку куче од расата шарпланинец.
Животното било сопственост на другото лице во постапката, а по здобиените повреди угинало.
При определувањето на затворската казна, судот ги разгледал и околностите што оделе во прилог на обвинетата. Како олеснителни биле земени предвид нејзините семејни околности, тоа што е мајка на две деца, од кои едното е малолетно, како и фактот дека досега не била осудувана.
Судот дополнително ја зел предвид и оценката дека во моментот на настанот кај Стојановска постоела значително намалена пресметливост.
Таквата состојба, според пресудата, била утврдена врз основа на стручен наод и мислење од медицински вештак – психијатар.
Веста ја пренесува Newz24live.com
