Мирен одмор на грчкиот остров Сифнос завршил во трагедија откако приватен хеликоптер се урнал во близина на местото предвидено за слетување. Во несреќата животот го загубиле млад британски брачен пар и пилотот на леталото, соопштила грчката полиција.
Жртвите се идентификувани како Александер Кроми и Мари Еберт. Според грчките медиуми, двајцата биле на меден месец и на островот пристигнале со приватниот хеликоптер.
Леталото полетало од областа Маркопуло, во близина на Атина, а крајната дестинација била Сифнос, позната туристичка локација во Грција.
Несреќата се случила само неколку метри од платформата за слетување. И покрај брзата реакција, за тројцата патници немало спас. Пилотот бил грчки државјанин.
Според полициски претставник, хеликоптерот се урнал непосредно пред планираното слетување, кое било закажано за 18:15 часот по локално време.
Локалните жители раскажале дека го виделе леталото како паѓа во непосредна близина на нивните домови, а пред несреќата слушнале необичен звук од моторот.
По падот избувнал пожар, кој пожарникарите успеале да го изгаснат во текот на вечерта. Според локалните власти, од хеликоптерот речиси ништо не останало. Две од жртвите биле пронајдени во остатоците од леталото, додека третата била пронајдена на кратко растојание од местото на падот.
Засега нема официјални информации што довело до падот на хеликоптерот. Надлежните органи започнале истрага која треба да ги утврди причините и сите околности околу трагичната несреќа.
Веста ја пренесува Bbc.com
