Фото: Принтскрин
Тешка сообраќајна несреќа се случила утрово на патот кон Стража, при што во судир учествувале вкупно пет возила. Во незгодата се повредени три малолетни лица и една жена.
Според информациите од СВР Тетово, сообраќајката се случила околу 7:40 часот на магистралниот пат, во близина на каменоломот „Прогрес 98“. Во судирот учествувале четири автомобили и еден камион.
Трите деца и жената биле во едно од возилата. По несреќата тие почувствувале здравствени проблеми, по што биле пренесени во гостиварската болница за да им биде укажана медицинска помош.
Од полицијата информираат дека во тек е увидот на местото на несреќата. Надлежните треба да ги утврдат причините за судирот, како и сите околности под кои дошло до сообраќајната незгода.
Во сообраќајката е причинета и материјална штета, чија висина дополнително треба да биде утврдена.
Поради несреќата, сообраќајот на патниот правец кон Стража се одвива отежнато. Возилата се пропуштаат наизменично по една коловозна лента во двата правци.
На терен има застој, а веќе се создаваат подолги колони возила во правец кон Кичево и кон Гостивар. Сообраќајот ќе продолжи да се одвива со забавено темпо додека трае увидот.
Возачите кои се движат по овој патен правец треба да бидат особено внимателни и да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација.
Веста ја пренесува Слободен печат.
