Фото: Принтскрин
Благодарение на брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица од Виница, спречена е поголема катастрофа откако пожар избувнал од искри при работа со брусалка.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, во текот на вчерашниот ден едно лице сечело делови од автомобил со брусалка, при што искрите ја запалиле сувата трева. Огнот брзо почнал да се шири, но пожарникарите навреме интервенирале и го локализирале уште во почетната фаза.
„Во текот на вчерашниот ден, лице сечело делови од автомобил со брусалка, по што од искрите се запалила тревата и пожарот се проширил. Но благодарение на брзата реакција на виничките пожарникари, истиот е совладан во прва фаза.
Ангелов упати апел до сите кои користат алати што создаваат искри да бидат особено внимателни, особено во период кога високите температури и сувата вегетација значително го зголемуваат ризикот од пожари.
Апел до мајсторите кои работат со алат кој искри. Мајстори, бидете внимателни затоа што доволна е искра за вистинска катастрофа. Овде катастрофата не се случила зашто ја спречиле пожарникарите. Но што ако се проширел уште понатаму од оваа позиција, насекаде има куќи и викендици. Доволна е искра за катастрофа“, кажа Стојанче Ангелов.
