Охрид утрово се разбуди во сосема поинаква атмосфера од онаа што ја создадоа концертите и ноќниот живот. По неколку вечери исполнети со музика, забава и огромен број посетители, централното градско подрачје остана преплавено со отпад.
Работниците на ЈП „Охридски Комуналец“ уште во раните утрински часови излегоа на терен за да ги расчистат улиците, плоштадите и кејот пред градот повторно да се исполни со туристи и локални жители.
По јавните површини беа расфрлани пластични и стаклени шишиња, лименки, кеси, амбалажа од храна, хартија и друг вид отпад, што сведочеше за големата посетеност во изминатите ноќи.
Жителите велат дека ова не е изолиран случај, туку ситуација што се повторува веќе неколку дена, откако започна серијата музички настани кои привлекоа десетици илјади гости во градот.
Според дел од охриѓаните, покрај метежот и сообраќајниот хаос, дополнителен проблем претставува неодговорното однесување на поединци кои по завршувањето на забавите зад себе оставаат големи количини отпад на улиците и јавните површини.
Иако комуналните служби секое утро вложуваат значителни напори за целосно расчистување на градот, граѓаните упатуваат апел до сите посетители да го зачуваат Охрид чист и да го фрлаат отпадот на местата предвидени за тоа, со цел туристичкиот бисер да го задржи својот препознатлив изглед.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
Видеото може да го погледнете тука!


