Жителите на Валандово добија важно предупредување откако анализите на водата од градскиот водовод покажале зголемена концентрација на арсен. Според информациите од ЈП „Комунален сервис“ – Валандово, испитувањата биле спроведени од Институтот за јавно здравје – Скопје.
Поради добиените резултати, од јавното претпријатие препорачуваат водата од градскиот водовод привремено да не се користи за пиење. Таа засега може да се употребува само за технички потреби, сѐ додека новите анализи не потврдат дека е безбедна за консумирање.
Од ЈП „Комунален сервис“ посочуваат дека веќе се преземаат сите потребни активности за утврдување на причините и надминување на состојбата. Во координација со надлежните институции се вршат дополнителни испитувања и контроли на квалитетот на водата.
Надлежните најавуваат дека јавноста навремено ќе биде информирана за сите нови резултати и понатамошни препораки. Во меѓувреме, граѓаните се повикуваат строго да ги почитуваат насоките и да не ја користат водата за пиење сѐ додека официјално не биде потврдено дека е здравствено исправна.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
