Наодите од истрагата што ја спроведуваат Обвинителството и надлежните инспекциски служби укажуваат на сериозни неправилности во функционирањето на водоснабдителниот систем во Гостивар. Според досегашните сознанија, во периодот од 25 јуни до 16 јули во системот за вода за пиење незаконски била внесувана отпадна вода загадена со колиформни бактерии, што довело до здравствена криза во која, според официјалните податоци, биле засегнати речиси 3.100 граѓани.
Во изминатите 24 часа во Општата болница во Гостивар биле прегледани уште 198 пациенти кои се пожалиле на стомачни и цревни тегоби. Дополнително, Државниот инспекторат за животна средина утврдил дека спорниот приклучок бил изведен на околу 900 метри надвор од дозволените санитарни заштитни зони. Анализите на Институтот за јавно здравје покажале присуство на 2.419,6 колиформни бактерии на 100 милилитри вода во каналот, што е околу 48 пати над дозволената граница.
Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство во Гостивар отворило истрага против три лица од раководството на ЈП „Комуналец“ поради сомнение за тешки кривични дела против здравјето на луѓето. Истрагата треба да утврди и како Центарот за јавно здравје – Гостивар на 13 јули издал извештај во кој водата била оценета како безбедна за пиење, иако подоцнежните анализи покажале присуство на фекално загадување.
Веста ја пренесува Zboruvaj.mk
