Шокантно откритие ја потресе атинската населба Кипсели, откако во напуштен објект беше пронајден куфер во кој имало тело на жена во напредна фаза на распаѓање.
Според информациите од грчките медиуми, случајот бил откриен попладнето на 18 јули, кога бездомно лице забележало сомнителен куфер во зградата на улицата Евелпидон и веднаш ја алармирало полицијата.
По пристигнувањето на терен, полициските службеници потврдиле дека во куферот се наоѓа човечко тело. Првичните сознанија укажуваат дека жртвата е жена, која во моментот на пронаоѓањето носела шорц.
Местото било целосно обезбедено, а форензичките тимови започнале со увид и прибирање материјални докази. Надлежните најавија обдукција, која треба да помогне во утврдувањето на идентитетот на жртвата, како и на времето и причината за нејзината смрт.
Жителите од околината велат дека напуштената зграда со години ја користеле бездомници како привремено засолниште. По пожарот што избувнал пред околу две години, објектот бил затворен и запечатен.
Еден од соседите изјавил дека во последниот период забележувал бездомник во близина на зградата, но дека во последните неколку дена повеќе не го видел.
Истрагата е во тек и ја спроведуваат специјализирани полициски служби, кои работат на расветлување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со смртта на жената.
Веста ја пренесува Prv.mk
