Фото: Принтскрин
Во селото Паклење, во близина на Баљевац на Ибар кај Рашка, се наоѓа една од најнеобичните православни цркви во Србија. Тоа е подземна црква која со векови била успешно скриена од турските освојувачи. Денес таа е целосно обновена и претставува значајна историска и туристичка атракција.
Археолошките истражувања, спроведени од Народниот музеј во Краљево во периодот од 2013 до 2016 година, потврдиле дека станува збор за уникатен храм со димензии од само 5 на 3 метри. Црквата е целосно вкопана во земја, а нејзиниот покрив само малку се издигал над површината.
Покривот можел да биде покриен со земја, трева и друга вегетација, поради што храмот изгледал како обично мало возвишение и речиси бил невозможно да се забележи од случаен минувач. Токму на овој начин верниците успеале да ја зачуваат светината во времето на османлиската власт.
Околу црквата се наоѓаат остатоци од гробишта кои датираат од втората половина на 15 век и биле користени во текот на 16 и 17 век. Историчарите сметаат дека необичниот начин на градба бил директна последица на османлиските освојувања, откако во 1455 година паднала тврдината Брвеник, која се наоѓа на околу десет километри од Паклење.
