ГРОМ соопшти дека нивниот претседател Стевчо Јакимовски доброволно се јавил на издржување на затворската казна во траење од шест и пол месеци.
Во партиското соопштение се наведува дека пресудата ја сметаат за неправедна и политички мотивирана. Од ГРОМ тврдат дека Јакимовски бил осуден поради поставување две времени градби кои, според нив, повеќе од 13 години биле во функција на Општина Карпош и овозможиле значителни финансиски заштеди, бидејќи општината немала потреба да плаќа закуп за деловен простор.
Партијата посочува дека сите активности биле реализирани согласно законските процедури, со одлуки донесени од Советот на Општина Карпош, усвоени програми за работа и јавни набавки, како и средства обезбедени од општинскиот буџет. Според нив, времените објекти биле поставени исклучиво за потребите на граѓаните, а не за лична корист.
Во реакцијата се упатуваат и сериозни критики кон правосудниот систем. Од ГРОМ оценуваат дека случајот претставува пример за селективна правда и политичко влијание врз судските одлуки, тврдејќи дека Јакимовски е санкциониран додека, како што наведуваат, други случаи остануваат неказнети.
Партијата нагласува и дека при носењето на одлуката не била земена предвид неговата здравствена состојба. Според соопштението, Јакимовски е онколошки пациент и неодамна бил подложен на оперативен зафат, што, според нив, дополнително ја доведува во прашање хуманоста на постапувањето.
На крајот од соопштението, од ГРОМ им се заблагодаруваат на сите граѓани кои во изминатиот период му дале јавна поддршка на Стевчо Јакимовски, истакнувајќи дека таа поддршка имала големо значење за него и за партијата.
Веста ја пренесува 24info.mk
