Во овие моменти, на пистата во касарната „Гоце Делчев“ во општина Аеродром, се одржува постројување на доброволните пожарникари од сите активни доброволни противпожарни друштва во Македонија.
Целта на постројувањето е да се утврди реалниот број на доброволни пожарникари кои се подготвени организирано да учествуваат во гаснењето на летните пожари на отворен простор како дел од Тимовите за брз одговор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Пред присутните се обраќа директорот на Дирекцијата за заштита и спасување и командант на Силите за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој ги претставува плановите за претстојната противпожарна сезона, како и новата организациска структура и хиерархија за поефикасна координација и командување со доброволните пожарникари.
По постројувањето ќе следува работен состанок на отворено, на кој доброволните пожарникари ќе разменат искуства, ќе ги изнесат своите предлози и потреби и ќе разговараат за понатамошно унапредување на системот за гаснење пожари во текот на летната сезона.









