Од 1 јули започнува исплатата на регресот за годишен одмор, попознат како К-15, за вработените во приватниот сектор. Годинава минималниот износ што работодавачите треба да го исплатат достигнува околу 19.116 денари, што претставува зголемување во споредба со минатата година.
Износот е утврден врз основа на просечните нето-плати исплатени во февруари, март и април 2026 година. Просечната плата за овие три месеци изнесува околу 47.790 денари, а според важечкиот колективен договор, регресот за годишен одмор не смее да биде понизок од 40 проценти од таа основица.
Минатата година минималниот К-15 изнесуваше 17.100 денари, што значи дека годинава работниците ќе добијат повисок регрес.
Право на исплата имаат сите вработени во приватниот сектор кои имаат најмалку шест месеци непрекинат работен однос кај истиот работодавач во текот на календарската година.
Работодавачите, доколку нивната финансиска состојба го дозволува тоа или ако е предвидено со колективен договор или интерен акт, можат да исплатат и повисок износ од законски утврдениот минимум.
Доколку исплатата не се реализира веднаш на почетокот на јули, туку подоцна во текот на годината, минималниот износ може дополнително да се зголеми, бидејќи се пресметува според просечната плата што важи во моментот кога се носи одлуката за исплата.
Веста ја пренесува Newz24live.com
