Во пресрет на најавената реконструкција на Владата, која според најавите треба да биде објавена во вторник, најмалку пет министри ќе ги напуштат своите функции, дознаваат медиумите од повеќе извори блиски до процесот.
Според неофицијалните информации, премиерот Христијан Мицкоски подготвува промени во неколку клучни ресори, меѓу кои се Министерството за правда, Министерството за здравство, Министерството за образование, Министерството за култура и Министерството за земјоделство. Не се исклучува можноста листата на кадровски промени дополнително да се прошири.
Меѓу министрите кои, според досегашните информации, ќе ја напуштат Владата е Азир Алиу од коалицијата ВЛЕН, кој раководи со Министерството за здравство. Од функцијата ќе се повлече и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, а како негов можен наследник се споменува Борче Серафимовски од ЗНАМ, кој моментално е државен секретар во истиот ресор.
Според информациите, Владата ќе ја напуштат и министерот за правда Игор Филков, министерката за образование Весна Јаневска, како и министерот за култура Зоран Љутков.
Дополнително, се очекува од функцијата да си замине и министерот за труд и социјална политика Фатмир Лимани.
Покрај министерските позиции, најавени се промени и на директорски места во повеќе институции, но засега не се соопштени конкретни имиња ниту детали за новите кадровски решенија.
Премиерот Мицкоски претходно изјави дека реконструкцијата има цел да ги усогласи владините приоритети со новите политики и предизвици. Во вторник е закажана седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на која се очекува официјално да бидат претставени новите членови на владиниот кабинет.
До овој момент нема официјална потврда од Владата за најавените кадровски промени, а разговорите околу реконструкцијата, според информациите, сè уште се во тек.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
