Министерството за внатрешни работи соопшти дека полициските службеници со брза и координирана акција го уапсиле 48-годишен жител на Велес, осомничен за семејно насилство врз својата сопруга и малолетната ќерка.
Според информациите од МВР, на 29 мај околу 11:40 часот, од очевидец било пријавено дека на територијата на Општина Центар маж физички ја нападнал својата сопруга. По добиената пријава, полицијата веднаш започнала со мерки за пронаоѓање на сторителот и обезбедување заштита на жртвата.
Преку полициски проверки, било утврдено дека сторителот и жртвата се од Велес, по што во акцијата се вклучиле и полицајци од СВР Велес.
Кога Џ.Б. (48) се вратил во домот заедно со својата 43-годишна сопруга, повторно ги нападнал неа и нивната малолетна ќерка, заканувајќи им се со остар предмет.
Благодарение на брзата интервенција на полицијата, осомничениот бил приведен во 21 часот. Остриот предмет бил одземен, а лицето задржано во полициската станица.
За настанот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи во Велес, а по комплетирање на доказите ќе следува соодветна кривична пријава.
Од МВР апелираат до граѓаните веднаш да пријавуваат случаи на семејно насилство, без разлика дали се жртви или сведоци, за навремена заштита на загрозените лица.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
