Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ги посети градежните работи што се реализираат во државниот студентски дом „Стив Наумов“ во населбата Автокоманда во Скопје, каде е во тек целосна реконструкција на објектот.
Според најавите од Министерството за образование и наука, обновата на домот се одвива според предвидената динамика, а се очекува студентите повторно да се вселат со почетокот на академската 2026/2027 година.
Јаневска уште во март информираше дека реконструкцијата на домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“ е во завршна фаза. Таа посочи дека целта е до 1 октомври студентите да добијат подобрени услови за сместување во целосно обновените капацитети.
Покрај овие два дома во Скопје, државата планира реновирање и на останатите студентски домови низ земјава. Проектот опфаќа девет студентски домови во повеќе градови, меѓу кои Прилеп, Битола, Штип и Охрид.
Средствата за реконструкцијата се обезбедени преку заем од Германската развојна банка, како и грант од Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан, поддржана од Европската Унија.
Проектот се реализира во неколку фази, а во првата фаза се опфатени домовите „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски-Питу“. Градежните активности ги изведува компанијата „Страбаг АГ“.
Веста ја пренесува Курир.мк
