Осумдесет и петгодишна жителка на скопската населба Пинтија почина во пожар што избувнал во текот на ноќта во семејна куќа.
Според првичните информации, огнот најпрво се проширил на приземниот дел од објектот, а жената не успеала навреме да излезе од куќата.
На местото интервенирала екипа на Итната медицинска помош, која ја потврдила смртта на жената, додека на други присутни лица им била пружена медицинска помош.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека случајот бил пријавен во 01:48 часот.
„Во СВР Скопје било пријавено дека избувнал пожар во куќа во населба Пинтија, сопственост на С.К. (45), каде што живеела и нејзината мајка М.В. (85). Жената им подлегнала на повредите здобиени во пожарот, а смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош“, информираат од полицијата.
Пожарот бил локализиран и изгаснат од екипите на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје. Надлежните служби најавија увид во текот на денот, со цел да се утврдат причините за настанувањето на пожарот.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
