На Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, на 21 април, починало новороденче кое било родено предвреме, во седмиот месец од бременоста. Бебето дошло на свет на 6 април 2026 година.
Семејството за медиумите изјавило дека бебето, иако родено порано, првично било во стабилна состојба и сите органи му функционирале нормално. Според нивните тврдења, во првите денови лекарите ги уверувале дека состојбата е добра, но по петтиот ден настанале компликации и бебето било префрлено во изолација.
„Не добивавме конкретни информации за каква инфекција станува збор. Подоцна ни беше кажано дека има сепса“, велат од семејството, кое бара детално да се утврдат причините за трагичниот исход.
Од ГАК информираат дека станува збор за бебе родено во 28. гестациска недела, со телесна тежина од 930 грама. Според Клиниката, уште при раѓањето биле забележани знаци на инфекција развиена уште во текот на бременоста, што е честа појава кај предвремено родените новороденчиња.
Од таму посочуваат дека била направена хемокултура, а резултатот бил негативен. Поради тоа, според протоколите, немало обврска случајот да биде пријавен до Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Лекарите тврдат дека во текот на лекувањето биле применети сите потребни медицински процедури и терапии за интензивна нега на предвремено родено бебе. Воедно, наведуваат дека кај мајката била евидентирана нелекувана гинеколошка инфекција.
И покрај напорите на медицинскиот тим, на 21 април настапила смрт кај новороденчето. Телото било испратено на обдукција, а официјалните резултати од судска медицина и патохистолошкиот наод се очекуваат во наредните денови.
Од Клиниката изразиле жалење за случајот, истакнувајќи дека понекогаш, и покрај целосниот ангажман на медицинскиот персонал, исходот може да биде фатален.
Семејството, пак, бара подетална истрага за причините поради кои кај предвремено родените бебиња доаѓа до тешки инфекции и сепса, со цел вакви трагедии да се спречат во иднина.
Веста ја пренесува Infomax.mk
