Според анализите на компанијата „Цириум“, авиопревозниците се приспособуваат на новонастанатите услови на пазарот. Тоа го прават преку воведување помали авиони на одредени линии, но и со целосно укинување на некои летови.
Најголемиот пад на сообраќајот е регистриран на аеродромите во Истанбул и Минхен, каде што значително ги намалиле своите операции „Туркиш ерлајнс“ и „Луфтханза“. Според достапните информации, германскиот превозник укинал околу 20 илјади летови на пократки дестинации.
Сепак, дел од нискобуџетните компании, меѓу кои „Изиџет“ и „Визер“, најавуваат дека ќе ги задржат планираните летни распореди, и покрај зголемените трошоци за гориво.
Цените на горивото нагло пораснаа поради воените тензии во регионот и прекините во снабдувањето, вклучувајќи го и затворањето на Ормускиот Теснец.
Иако во моментов нема директен недостиг на гориво, од индустријата предупредуваат дека евентуалното продолжување на конфликтот може да резултира со нови откажувања во текот на летната сезона. Европските аеродроми веќе бележат намалени резерви, а неизвесноста околу идните испораки дополнително ја комплицира ситуацијата.
Проценките покажуваат дека компаниите засега располагаат со доволни количини гориво на краток рок, но долгорочната сигурност на снабдувањето останува под знак прашалник.
Веста ја пренесува Skopje1.mk
