Илјадници жители на Газа се упатија кон северниот дел на регионот, само неколку часа откако израелската армија објави дека стапи на сила договорот за прекин на огнот. Областите низ кои се движат се меѓу најпогодените од бомбардирањата во последните месеци.
Некои од патувачите се соочуваат со сериозни тешкотии, бидејќи патиштата се оштетени, а многумина немаат доволно храна или вода. Ала Салех, наставник кој избегал од градот Газа со сопругата и шесте деца, раскажа дека патот е тежок и долг, а изнајмувањето автомобил е скапо и недостапно за мнозинството.
Почетокот на израелската офанзива на 7 октомври, по нападот на Хамас, предизвика околу еден милион Палестинци да го напуштат северниот дел на Појасот Газа. Видеа објавени на социјалните мрежи покажуваат големи уништени површини во населбите Шеик Радван, Сабра и Зејтун, каде што цели згради се срамнети со земја. Спасувачите продолжуваат да извлекуваат тела од урнатините, а агенциите за помош предупредуваат на критичниот недостиг од храна, гориво и чиста вода.
Израелската армија објави дека движењето од југ кон север во Газа е дозволено преку улиците Ал-Рашид и Салах ал-Дин, додека САД потврдија дека израелските сили се повлекле до новите договорени линии и започнал 72-часовниот период за ослободување на заложниците, според изјавата на специјалниот претставник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
