Три дена по нападот во кој беше ранет со три куршуми, докторот на скопската Клиника за пулмологија и носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, Зекирија Шаини, се обрати пред медиумите. Тој се заблагодари на сите што му биле поддршка и јасно ги демантираше тврдењата дека неговата сопруга Арјета Адили би можела да стои зад обидот за убиство.
„Сакам јавно да истакнам дека немам сознанија за мотивите зад нападот, немам нерасчистени сметки со никого и не сум направил ништо против нечие приватно или професионално поле. Целосно ги отфрлам обвинувањата кои го вклучуваат моето семејство. Побарав од истражните органи да го утврдат вистинскиот сторител, со цел да се заштити приватноста на мојата сопруга и моите деца“, изјави Шаини.
Тој додаде дека случајот не треба да се претставува како семеен конфликт, бидејќи таквата претстава е невистинита и ја искривува јавната слика. „Ако беше вистина дека мојата сопруга стои зад ова, никогаш не би живеел со неа, особено со оглед на нашето семејство и двете деца. Благодарен сум што сите се безбедни и дома“, рече Шаини.
Докторот исто така апелираше до политичарите да не го злоупотребуваат случајот за предизборни цели и повторно ги повика органите да ја утврдат вистината.
Нападот се случи додека Шаини се движел со возило низ Куманово, при што бил ранет во левата подлактица и колено. Првично бил пренесен во кумановската болница, а потоа во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. Во средата беше пуштен на домашно лекување.
Од МВР информираа дека во врска со инцидентот е приведена неговата сопруга. Јавното обвинителство соопшти дека се поднесени кривични пријави против едно лице за загрозување на сигурноста и против поранешната сопруга на Шаини за поттикнување на делото. Сепак, истрагата за инволвираноста на овие лица и на други можни сторители продолжува.
Информацијата и видеото ги споделува порталот 360 степени (360stepeni.mk)
