Фото: Принтскрин
Руски и српски научници најавуваат нова надеж во борбата против ракот – персонализирана mRNA вакцина. Таа нема превентивна функција како класичните вакцини, туку е наменета за лекување, преку активирање на имунолошкиот систем откако болеста веќе е дијагностицирана.
За пациентите кои нема да можат да ја примат оваа најнова терапија, предвидена е алтернативна опција – вакцината „Ентеромикс“, развиена со друга технологија, чија ефикасност се проценува меѓу 60 и 70 проценти.
Професорот Сергеј Бољевиќ, кој повеќе од четири децении живее и работи во Русија како раководител на Одделот за патолошка физиологија при Московскиот државен медицински универзитет „Сеченов“, е дел од тимот што ја развива оваа иновативна терапија. Во изјава за „Спутник“ тој истакна дека истражувањето е резултат на долгогодишна работа во рамките на Националниот истражувачки центар за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, кој веќе ги завршил сите неопходни тестирања со, како што се наведува, „фантастични резултати“.
На голема научна конференција во Казањ, која се одржа под покровителство на претседателот Владимир Путин и обедини врвни експерти од областа на mRNA технологиите, биле презентирани нови податоци што би можеле да ја приближат ефикасноста на вакцината кон 100 проценти. Планот е вакцината да биде официјално регистрирана кон крајот на август или почетокот на септември, а првите третмани да започнат во втората половина на септември.
Во почетната фаза, терапијата ќе се тестира на две групи од по 30 пациенти од Русија со меланом – тип на тумор кој е лесен за следење и погоден за клинички анализи. Потоа ќе биде применета и кај одредени форми на рак на белите дробови, а во иднина и на други видови карцином, како што се рак на панкреасот, бубрезите, дојката и дебелото црево. Сите резултати ќе се анализираат и ќе бидат доставени до Министерството за здравство, кое го финансира проектот.
Трошоците за вакцината во Русија ќе ги покриваат домашните здравствени осигурувања, додека странските пациенти, меѓу кои и српските, ќе треба да ги финансираат сами или преку државна поддршка. Во моментов се водат разговори меѓу руските здравствени институции и српската влада за формирање на специјални фондови што ќе го покриваат лекувањето.
Веќе е постигната согласност дел од пациентите од Србија да патуваат во Москва за третман. Српските онколози ќе имаат задача да одредат кои пациенти ги исполнуваат критериумите, а координацијата на целиот процес ја води професорот Владимир Јаковљевиќ, поранешен декан на Медицинскиот факултет во Крагуевац. Според научниците, генетските сличности меѓу српскиот и рускиот народ достигнуваат дури 99 проценти, што, според нив, дополнително ја зголемува веројатноста за добри резултати од оваа иновативна терапија.
Извор: new.nmicr.ru
