
Фото: Принтскрин
Тагата и гневот не стивнуваат во Кочани, каде граѓаните повторно излегоа на протест по трагичниот настан во кој животите ги загубија 62 лица. Поддршката расте, а повиците за одговорност се сè погласни.
Вчера точно во 16:05 часот, жителите на Кочани за шести пат излегоа на протест, барајќи правда и одговорност за трагедијата што ја потресе цела држава. Овој пат, на протестот му се приклучија не само роднините и пријателите на загинатите, туку и граѓани од други делови на Македонија, што го направи досега најмасовен.
Поддршка добија и од граѓанската иницијатива „Кој е следен“, чии претставници и поддржувачи пристигнаа во Кочани за да ја изразат својата солидарност и да го поддржат повикот за вистина и правда. Собирот помина мирно, но со силна и емотивна порака – трагедијата не смее да се заборави, ниту да остане без одговорност.
„Оваа ситуација ни уништи сè, немаме иднина, јас имам 60 години, тие што требаше да бидат иднината, тоа си замина. Немам зборови да кажам, толку сум огорчен и разочаран. Ние сме фигури, со нашите млади деца сè заврши“, вели родител за „М-Нет Телевизија“.