
Ватикан вечерва соопшти дека причината за смртта на папата Франциско ќе биде објавена подоцна во текот на ноќта, повикувајќи се на официјални извори од Светиот Престол. Дополнително, се очекува утре да биде објавен и точниот датум на неговиот погреб.
Папата Франциско, кој со години се соочуваше со здравствени предизвици, страдаше од хронично заболување на белите дробови. Во младоста му беше хируршки отстранет дел од едното белодробно крило, а неговата здравствена состојба дополнително се влоши на 14 февруари оваа година, кога беше хоспитализиран во болницата „Гемели“ поради сериозна респираторна криза.
По приемот, му беше дијагностицирана билатерална пневмонија, по што следуваше интензивен медицински третман. Папата остана хоспитализиран вкупно 38 дена – најдолгиот период кој го поминал во болнички услови од почетокот на неговиот понтификат пред дванаесет години.